Tuesday, November 3, 2009

НЕСОНИЦА

Пак ли те јавна несоница
што те нема на зборното место
во паркот,
кај мовчето,
до реката,
над клупата,
во гранките на липата,
во нашето седело?

Не го сакам веќе мирисот на снегот.
Одамна ме измори спокојот.

Растрепери ги листовите,
Оживеј ги цветовите
- и мене со нив.

НА Е...



Додека те гледам на тие штици како стоиш
без право на избор на сценарио и улога,
зависен од суфлерот
и рам-там-там музиката која ти диктира темпо,
сакам да викам, да се дерам,
сакам да пцујам и протестирам
оти ти миличко не си за тука,
оти нема улога толку главна
за да е рамна на тебе.

Ех, да не ми беа толку кратки нозеве,
па да можев облак да ти симнам
Или челична тупаница да имав,
светов да го здробам недостоен
и животов скржав за среќа.
Не можам ни молба уредна со таксена марка
да заверам
и добијам право
на дел од товарот плеќите што ти ги подвил.

Можам само да се затворам,
светло да изгасам
и Janis Joplin да ја поканам
на чашка топла болка
http://www.youtube.com/watch?v=JjD4eWEUgMM

АБЕ ЛАЖАТ - СУШАТ!!!



Како голи полжави се влечат облаците по небото,
сонцето глуми срамежлива невеста,
уште еден ден надмено ги пакува куферите,
си мисли многу важен е
- му се смеам на умотма%20ајде

Масовно не' лажат:
демек без сонце немало живот,
демек без воздух,
демек без вода.
Живот може само без тебе да нема!

КРЕМЕН И СВИЛА

Зборувај ми душиче
убаво ми зборуваш
ме храниш
ме поиш
нежно ме милуваш
така мајка ми ме милуваше по косата
кога и заспивав во скутот.

Гледај ме душиче,
нежно ме гледаш
ме галиш,
ми годи,
како што ме гледаше кога се замомував,
кога полна со себе покрај тебе поминував

Јас знаев дека постоиш
зад седум планини и седум мориња,
за мојата приказна измислен
за мојата душа извајан
од најтврд кремен
и најфина свила
само чекав да ме побараш

ЕДНА МАКА



Јас не знаев дека ме чекаше
зад аголот
кај таксистите
избричен,
намирисан,
со рацете во џебови,
потпрен на дрвото
мангупски

Не знаев...
да знаев ќе излезев
ќе те мириснев
ќе ти намигнев,
не оти имав работа,
не оти некому требаше моето друштво,
блеев по чавките
ги броев стапките
на минувачите
и чекав да се појавиш

ФОРЕВР

Твојот бес лесно ме сече
како остар нож меко сиренце

Зошто едноставно не можеш да ме сакаш
без тестови и докази,
без цени превисоки?

Ем се лутиш, ем го љубиш
жарот во очиве,
ветрот во нозеве.

Не руши ја нашата кула од карти
темели ќе туриме,
оџак ќе изѕидаме,
па ќе ја варосаме.
На столчиња дрвени,
со коси побелени,
на сонце во дворот
уште ќе се сакаме

НА...НА....ЗНАЕШ ТИ...НА ТЕБЕ



Мислиш јас пак знам што сакам???
по лето копнеам кога е зима,
на сред гроздобер лубеница јадам.
Кога цел свет паметен, уморен
филмот го догледува и добра ноќ посакува,
јас од постела тивко, на прсти излегувам
крила си подмачкувам и во небо летнувам.
Па трчам по облаци боса,
не ми е ладно, не ми е страв,
пеам на цел глас, се кикотам, се смеам
а ѕвездите ми свират маџарски чардаш.
А кога сонцето под вратот ќе ме скокотне,
тивко се спуштам, дишење успорувам,
насмевка љубезна облекувам,
добро утро, имајте убав ден, ви посакувам.
Ма пушти ме, батали ме...мислиш јас знам што сакам